Во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост, припадниците на Баталјонот на воената полиција го прославија „29 Октомври – Денот на Баталјонот на воена полиција“.
Баталјонот на воена полиција (бВП) е носител на традициите од 29.10.1878 година, кога во текот на Кресненското востание е издадена писмена наредба за формирање на воено-полициски начелстава за спроведување на редот и мирот на ослободените територии на Македонија, што во суштина претставува и основна функција на воената полиција.
Командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини во своето обраќање изрази уверување дека единицата и во иднина ќе продолжи да работи посветено, професионално и ефикасно. Ќе чекори во нови победи и со чесност и интегритет ќе ги совладува сите предизвици во задачите кои претстојат.
Во своето обраќање командантот на бВП, потполковник Кире Николовски истакна дека мисијата и задачите кои ги извршуваат припадниците на единицата не дозволуваат импровизирање и селективност и ја покажуваат сериозноста на задачите што ги доверуваат претпоставените. „Ние со гордост ги славиме нашите претходници, но исто така со процесот на трансформација ќе се создава модерна единица, препознаена од домашни и странски партнери“.
На свеченоста беа прочитани честитки за денот на единицата како и наредби за унапредување и стимулативни мерки. На пензионираните припадници од единицата во тековната година, им беа доделени монети и скромен подарок за заминување во пензија.
На свеченоста присуствуваа: командант на Командата за операции (КО), бригаден генерал Бесник Емини, началникот на штаб во Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командант на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, командантот на касарната „Илинден“, полковник Мухарем Мухареми, команданти на единици во Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.
Во рамките на одбележувањето на денот на единицата беа реализирани повеќе пригодни активности и тоа: хуманитарна акција со донирање на прехранбени продукти во повеќе институции и акција за доброволно дарување на крв во ГОБ „8-ми Септември“ Скопје при што беа собрани 19 единици крв.
ЧС