Во период од 7 до 12.05.2015 година се одржа Главната планирачка конференција (ГПК) за вежбата „Македонски Блесок-13/Здружена Реакција-17“, како дел од планирачкиот процес за претстојната вежба која ќе се реализира на крај на месец септември и почетокот на месец октомври на АП „Криволак“ и во центарот за обука „Пепелиште“.
По воведниот и поздравниот збор од страна на директорот на вежбата потполковникот Блаже Николовски, кодиректорот на вежбата мајорот Игор Манасовски ги структурираше обврските и одговорностите, со цел насочување на персоналот од раководството кон исполнување на доделените задачи.
За време на ГПК беа реализирани голем број на активности, меѓу кои и потпишување на финалните документи за реализација на НАТО оценувањето помеѓу раководството на вежбата и НАТО советодавниот тим од Командата на здружени сили во Неапол, обиколка на местата каде ќе се реализира вежбата. Во текот на конференцијата беше реализирана посета од страна на началникот на штаб на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Азим Нуредин, кој присуствуваше на презентацијата на капацитетите на АП „Криволак“, за потребите на вежбата. Исто така беа презентирани и неопходните брифинзи за успешна подготовка на претстојните активности како: безбедносен брифинг, брифинг за спецификација и планот за вежбата, сценарио на вежбата, структура и статус на единиците, како и главната листа на настани и инциденти (ГЛН/ГЛИ).
Во текот на петдневната работа на конференцијата работен јазик беше англискиот, и при тоа беа изработени сите документи кои се предвидени со Директивата за планирање Bi-SC 75-3 за оваа планирачка фаза.
Во делот на подготовките на „Здружена Реакција-17“ активно учество земаа припадниците од Национална гарда на Минесота (САД) и Национална гарда на Вермонт (САД), претставници на армиите од А5 иницијативата (Република Албанија, Република Хрватска и Босна и Херцеговина), при што беа потпишани заклучоците за вежбата и воедно беше потпишан техничкиот договор за реализација на истата.
Реализираните активности и заклучоци кои произлегоа од завршетокот на работната конференцијата претставуваат добра основа за понатамошни подготовки и работа до почетокот на наредната фаза од процесот на планирањето и успешното реализирање на Финалната планирачка конференција за вежбата „Македонски Блесок-13/Здружена Реакција-17“.