Како дел од редовните планирани активности на Командата на бригадата за Југоисточна Европа (South Eastern Europe Brigade-SEEBRIG) од денес започна дводневна евалуациска посета на декларираните единици од Армијата во оваа бригада.
Активноста отпочна со средба помеѓу директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски со командантот на SEEBRIG, бригаден генерал Евангелос Митроусикос, на која се зборуваше за придонесот кој го дава Армијата на Република Северна Македонија со своите декларирани единици во бригадата, но и како земја домаќин на оваа команда.
Командантот на SEEBRIG, покрај средбата со директорот, оствари средба и со државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев.
Делегацијата од SEEBRIG во следните два дена ќе реализира евалуација на инженерискиот вод и пешадиската чета, кои се декларирани наши единици во состав на бригадата, согласно Планот за работа на командата на бригадата на Југоисточна Европа.
Во текот на денешниот ден ќе се изврши евалуациска посета на декларираниот инженериски вод од состав на инженерискиот баталјон на АП „Криволак“, а утре ќе се изврши евалуациска посета на декларираната пешадиска чета, во касарната „Јане Сандански“ во Штип. Во наведениот период генералот Митроусикос ќе оствари средби со командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на 1.пешадиска бригада Сашко Лафчиски.
SEEBRIG е формирана на 31 август 1999 година во Пловдив, врз основа на претходно потпишаниот договор во Скопје на 26 септември1998 година од страна на министрите за одбрана на седум земји од регионот за формирање на мултинационални мировни сили. Командата на бригадата моментално се наоѓа во Куманово.