Денес, во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец со воена свеченост се одбележа Денот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Како најголема здружено-тактичка единица во состав на Здружената оперативна команда претставува главна борбена сила на АРМ која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и давање на поддршка при природни непогоди и други опасности. Надвор од територијата на Република Македонија со декларираните единици учествува во мировните операции и ги исполнува меѓународните воени обврски.
Командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Зоран Милески во своето обраќање го нагласи успешниот ангажман, висок степен на обученост, професионализам и одговорност при извршување на задачите кој припадниците1.мпбр го имаат во справувањето со предизвиците од мигрантската криза.
На свеченоста покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски присуствуваа и останатите генерали во АРМ, други високи претставници од МО и ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, пензионирани генерали, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.
По повод постигнатите резултати се доделија стимулативни мерки на припадници од единиците на бригадата, а за најдобра единица од состав на бригадата се прогласи првата чета од инженерискиот баталјон, кој дава особен придонес во спречување на нелегалните преминувања со поставување на безбедносната ограда на нашата јужна граница. На крајот од свеченоста единиците од составот на бригадата изведоа свечено дефиле, а учениците од ОУ „Кочо Рацин“ од Петровец изведоа пригодна културно забавна програма.
Изминатите денови во чест на Денот на единицата се одржаа и голем број спортски натпреварувања и крводарителни акции.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на 1. мпбр е одреден 2-ри април, како датум на кој овааа единица е трансформирана согласно новата организациско-формациска структура на АРМ. Со достигнувањето на оперативната готовност, 1.мпбр ги превзеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица во АРМ, во чии редови се наоѓаат припадници на АРМ од повеќе родови.