Синоќа, 17-ти декември 2014 година, Воениот оркестар на АРМ во Домот на АРМ во Скопје го изведе традиционалниот Новогодишен концерт. На концертот присуствуваа: Министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, генералите на АРМ, клучниот персонал во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, припадници од сите команди и единици на АРМ, амбасадори и воени аташеи акредитирани во Република Македонија и други гости.
Воениот оркестар предводен од диригентите: потполковник Драган Димитров и капетан Горан Илијевски, пред аудиториумот на исполнетата сала во Домот на АРМ, втора година по ред изведува Новогодишен концерт во чест на припадниците на МО и АРМ, кој станува традиционален.
Внимателно одбраниот репертоар на синоќешниот концерт, со изведба на нумери од филмска музика, како и оние со содржина од македонскиот мелос, предизвикаа особен интерес. Публиката со воодушевување и аплауз го проследи настапот на специјалниот гостин на концертот, националниот уметник, оперскиот пејач Борис Трајанов, кој се претстави со „Песна на Тореадорот“ од операта „Кармен“ и „Арија на Жермо“ од операта „Травијата“.
На концертот, покрај Трајанов гостуваа и Бајса Арифоска (солист на кавал), Војче Петрушев (солист на хармоника) и хорот на Факултетот за музичка уметност, а Воениот оркестар, премиерно изведе две нови композиции, кои специјално за годинешниов концерт, беа подарени од авторот Илија Пејовски.
Синоќешниот Новогодишен концерт, претставува заокружување на успешните настапи на Воениот оркестар кој во текот на 2014 година се претстави во повеќе градови во Република Македонија, како дел од проектот „АРМ поблиску до граѓаните“.