Потполковник Стефан Ивановски
На 1 март 1994 година во рамките на Армијата на Република Македонија за прв пат е основана Единицата за специјални сили (6-ти одред), наречена „Волци“. Во 1998 година беше формирана првата тимска формација на единицата и таа беше преименувана во Единица за специјални сили. Во 2001 година единицата стана дел од ЕБпТ (Единица за борба против тероризмот), а по основањето на Командата за Специјални Единици стана дел од неа како Одред.
Формирањето на оваа единица го означи процесот на станување професионална армија на АРМ. Од самиот почеток, кандидатите за влез во оваа единица се избираат преку посебни критериуми за избор и од нив се бара да бидат физички и психички подготвени, без разлика на рангот.
Во декември 2003 година, Командата за Специјални Единици прерасна во Команда на Одред за Специјални Намени, Одредот за Специјални Дејства се трансформира во Баталјон за Специјални Намени, се формира Ренџерски Баталјон (од Извидувачки Баталјон и падобранската единица од Петровец), а бВП излезе од составот на КСЕ и ИБ и остана да постои како таква единица. Од ноември 2006 година, беше формиран Полк за специјални операции, во кој влегуваат баталјон за специјални намени и ренџерски баталјон.
Во согласност со стратешкиот одбранбен преглед од 2019 година и новата организациска формациска поставеност на Армијата на Република Северна Македонија, баталјонот за специјални сили е во структурата и под надлежност на командата за операции наместо под директна надлежност на Генералштабот како досега.
Во 2022 година, припадниците на баталјонот за специјални сили со два борбени елементи за специјални операции, учествуваа во евалуацијата за специјални сили (СОФЕВАЛ), која беше спроведена во Република Грција. Тие беа оценети како „борбено готови“, со што се исполни една од целите за способност на Армијата во областа на специјалните сили, кои беа утврдени по нашиот прием во НАТО.
Учество во операции во странство:
Баталјонот за специјални операции учествуваше во неколку мировни мисии во Ирак, Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина. Како дел од Полкот за специјални операции од јуни 2003 до јуни 2008 година учествува со 11 ротации на контингент во мисијата „Слобода на Ирак“. Исто така учествуваат и во мировната мисија „ИСАФ-Феникс“ во Авганистан од мај до декември 2010 година. Индивидуално припадници од оваа единица земаат учество во мисиите во Босна, Либан и одлучна поддршка во Авганистан.
Војниците од баталјонот за специјални операции беа наградени со голем број медали за храброст, заслуги и достигнувања, пофалници и слични награди.
Добиени медали:
Во 2005 година, претседателот на Република Македонија за прв пат во Република Македонија му додели МЕДАЛ ЗА ВОЕНИ ЗАСЛУГИ на баталјонот за специјални сили.
Во рамките на полкот за специјални операции баталјонот за специјални операции беше одликуван со „Орден за заслуги“ доделен на 14.08.2012 година, од Претседателот на Република Македонија, по повод 20-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија;