
Придонес на Република Македонија кон воената операција на ЕУ за кризен менаџмент во БиХ „Алтеа“
Со спогодбата помеѓу Република Македонија и Европската Унија за учество на Република Македонија во рамките на операцијата „АЛТЕА“ која беше потпишана на 3 јули 2006 година, во Брисел, Белгија започна првиот придонес на Република Македонија кон операција предводена од Европската Унија во јули 2006 со декларирање АРМ хеликоптерски деташман, составен од два хеликоптери Ми-8/17 и персонал од 21 лице.
Во ноември 2006 година, Република Македонија го зајакна сопствениот придонес кон операцијата на Унијата во БиХ „АЛТЕА“, декларирајќи медицински тим составен од 10 лица за ROLE 1 медицинска поддршка на кампот во Бутмир.
Поради значењето на хеликоптерската поддршка во исполнувањето на мисиите на операцијата „АЛТЕА“, особено во периодот на актуелната трансформација на ЕУФОР, беше побарано продолжување на мисијата на македонскиот хеликоптерски деташман која продолжи во истиот состав во втората и во третата ротација.
Дополнително, придонесот на Република Македонија кон „АЛТЕА“ беше зајакнат и со декларирање на дополнително 1 лице воен правник – помошник правен советник во HQ EUFOR (од 20 јуни 2007 година). Со тоа вкупниот придонес на Република Македонија кон операцијата „АЛТЕА“, вклучувајќи го хеликоптерскиот и медицинскиот капацитет, беше составен од 2 Ми-8/17 и вкупен персонал од 32 лица.
Република Македонија во однос на четвртата ротација на хеликоптерскиот деташман (јануари- јуни 2008 година), а врз основа на претходно извршените анализи и проценки, донесе одлука која ја одрази потребата за повлекување на едниот хеликоптер Ми-8/17, во насока на достигнување на неопходното ниво на оперативност заради идни придонеси. Согласно Одлуката, четвртата ротација на хеликоптерскиот деташман во мировната операција „АЛТЕА“ во БиХ се состоеше од еден транспортен хеликоптер Ми-8/17 и 12 лица во состав на хеликоптерскиот деташман.
На 12 јануари 2008 година, се случи трагична хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце во која животот го загубија 11 припадници на АРМ на самото враќање од успешно завршената мисија во БиХ, а кои беа дел од третата ротација на хеликоптерскиот деташман.
Во февруари 2008 година, Република Македонија дополнително упати едно лице- подофицер за превентивна медицина во HQ EUFOR, со што вкупниот придонес на Република Македонија во мировната операција „АЛТЕА“ изнесуваше еден транспортен хеликоптер Ми-8/17 и вкупен персонал од 24 лица.
Со завршувањето на четвртата ротација на хеликоптерскиот деташман во јули 2008 година, донесена е одлука Република Македонија да го заокружи и заврши сопствениот придонес со хеликоптерски капацитети во операцијата на ЕУФОР во БиХ, „АЛТЕА“, со вкупно направени четири ротации (јули 2006 – јули 2008 година).
По повлекувањето на хеликоптерскиот деташман, Република Македонија продолжи да придонесува со медицински тим за ROLE 1 медицинска поддршка на кампот во Бутмир составен од 10 лица, едно лице помошник правен советник во Командата на ЕУФОР во БиХ, и еден подофицер за превентивна медицина во Командата на ЕУФОР, со вкупно учество на 12 лица.
Во текот на 2009, 2010 и 2011 година Република Македонија го продолжи учеството со истиот капацитет. Согласно новата структура на силите на ЕУФОР во операцијата „АЛТЕА“, истите се намалени, а како резултат на тоа се укина и позицијата подофицер за превентивна медицина од јануари 2012 година, со што придонесот во оваа мировна операција во 2012 година, остана со медицински тим и правен советник, вкупно 11 лица.
Придонесот во операцијата Алтеа во 2012, 2013 и 2014 година продолжува со вкупно учество од 11 лица (10 лица во медицинскиот тим и 1 лице воен правник, помошник правен советник во Командата на ЕУФОР).
Придонесот во мировната операција „Алтеа“ со медицинскиот тим заврши на 31 мај 2015 година, со враќање на седумнаесеттата ротација на медицинскиот тим.
На 23 јуни 2015 година заврши и 16-та ротација на помошникот правен советник во Алтеа која беше последна ротација на нашата земја на оваа позиција.
Согласно плановите, Република Македонија донесе одлука за продолжување на учеството во операцијата Алтеа со две нови штабни позиции, од месец мај 2015 година.
Од месец мај 2015 година започна нов придонес со две штабни позиции (еден штабен офицер, советник во секцијата за обука и унапредување на капацитетите и еден штабен подофицер, администратор во секцијата за обука, планирање и координација) и истиот продолжи до крајот на декември 2018 година. Овие две позиции, согласно новата трансформација на ЕУФОР згаснаа.
Со новата трансформација на операцијата Алтеа и ребалансираната мисија, Армијата на Република Северна Македонија од декември 2018 година има нов придонес во мисијата со 1 позиција: заменик офицер за врска со институции одговорни за спроведување на законот, во секцијата Ј-2.
Почнувајќи од мај 2022 година, повторно го зголемивме нашето учество со ангажирање на еден пешадиски вод од 32 припадници кои извршуваат задачи во состав на маневарската чета на Вооружените сили на Република Турција ангажирани во оваа мисија.
Придонесот кон операцијата Алтеа претставува потврда на цврстата определба на Република Северна Македонија за силен придонес кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) и Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на Унијата, како и потврда на севкупните напори на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.