ОДЛУЧНА ПОДДРШКА – МИСИЈА ЗА ОБУКА, СОВЕТУВАЊЕ И АСИСТЕНЦИЈА НА АВГАНИСТАНСКИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ СИЛИ И ИНСТИТУЦИИ
Во преодниот период кој заврши во декември 2014 година силите на ISAF ја трансформираа својата борбена во центрична улога за обука, советување и помош на Авганистанските сили по што настапи новата мисија „Одлучна поддршка“, одговорна за продолжување на обуката, поддршката и помош на авганистанските безбедносни сили и институции. Истата е активирана на 01.01.2015 година.
Нашите припадници досега во оваа мисија придонесуваа во соработка со силите на САД, Република Турција, Сојузна Република Германија, како и во рамките на регионалниот придонес во А5 формат и тоа:
- единица за обезбедување на Командата на мисијата „Одлучна поддршка“ (во Кабул);
- штабен персонал во Командата на мисијата „Одлучна поддршка“ (во Кабул)
- штабен персонал во соработка со силите на Република Турција во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град (во Кабул);
- штабен персонал и советници во соработка со силите на Сојузна Република Германија во Командата за обука, советување и асистенција – Север (во Мазар и Шариф), и со штабен персонал во рамките на заедничкиот контингент на САД-Јадранската повелба,
- Медицински тим во состав на полската болница со улога Роле 2 во состав на мировниот контингент на Кралството Норвешка.
Придонесот во оваа мировна мисија, го започнавме кон крајот на декември 2014 година со 38 лица воен персонал, во соработка со силите на САД и Република Турција и тоа: 20 припадници како дел од обезбедувањето на командата на мисијата, (САД) задача која и претходно ја извршуваа припадници на Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на мисијата ИСАФ во Кабул и 13 штабни офицери, во чии рамки е и заменик-командантот на командата на главниот град, Кабул (Република Турција).
Подоцна во составот на мисијата припадници на Армијата се приклучи и штабен персонал во Командата за обука, советување и асистенција – Север со 6 припадници така да вкупната бројка на учесници достигна до 38 припадници на Армијата на Република Северна Македонија. Од почетокот на 2018 година со донесената одлука од страна на Министерството за одбрана и изгласана од страна на Собранието, за 20 проценти зголемување на учеството на припадници на АРМ во мировната мисија „Одлучна Поддршка“ вкупниот број на припадници кои беа вклучени во вод за обезбедување и штабни старешини во РК ГГ и РКС достигна 49.
Во понатамошниот период согласно одлуките на НАТО и потребите на командата на мисијата бројката варираше се до одлуката за намалување и постепено повлекување на учесниците во мисијата така да бројот на штабниот персонал постепено се намалуваше но и бројот на водот за обезбедување со вкупно 20тина учесници.
Во тековната 2021 година отпочнавме и со учество на хируршки тим составен од 6 медицински лица во состав на полската болница со улога Роле 2 во состав на мировниот контингент на Кралството Норвешка.
Сојузничките сили на НАТО од 1 мај започнаа со повлекување од Авганистан. Ова е одлуката на состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на НАТО во април 2021 година на кој учествуваа министрите Бујар Османи и Радмила Шекеринска. Целокупниот персонал од мисијата се врати во месец Јуни 2021 година.