Со политичкиот консензус на сите политички субјекти во РМ како и на целокупната македонска јавност во поглед на поддршката на Коалицијата за борба против тероризмот, Република Македонија зема активно учество со испраќање на свои единици во мисијата „Слобода за Ирак”.
Врз основа на своите законски овластувања Собранието на Република Македонија донесуваше одлуки за испраќање на свои единици во Мисијата „Слобода за Ирак” во периодот од јуни 2003 до декември 2008 и тоа за секоја мисија посебно на секои 6 месеци од времетраењето на мандатот на мисијата.
Мисијата започна со испраќање на 2 офицери во Централната команда на САД во Тампа како национални претставници, во Март 2003 година.
По завршувањето на главните борбени операции, рушењето на режимот на Садам Хусеин, и усвојувањето на Резолуцијата 1546 на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, во Јуни 2003 година донесена е одлука и упатен е вод за специјална намена кои ги извршуваше задачите во состав на 4.пешадиска дивизија на Мултинационалните сили за Ирак. Во 2008 година, нашето учество во Мисијата
„Слобода за Ирак“ беше зголемено со уште еден вод. Од јуни 2003 година до декември 2008 година вкупно извршени се 11 ротации. Единаесеттата ротација беше последна со што и нашето учество во мисијата во Ирак заврши. Вкупна бројка на лица кои учествувале во оваа мисија е 490.
Војниците и старешините во текот на реализирањето на мисијата се соочија со разни предизвици, закани и опасности што произлегува од мисијата и професијата. Припадниците на Армијата на Република Македонија во текот на мисијата покажаа професионализам, висок степен на обученост и спремност во извршувањето на мисиите. Со својата посветеност, храброст, одговорност и патриотизам рамо до рамо со војниците од САД и другите коалициони партнери ја претставија нашата татковина Република Македонија достоинствено и во најдобро светло. Најдобра потврда за нивните успеси се 120 медали доделени од САД. Затоа велиме дека тие се најдобрите амбасадори на земјата.
Армијата на Република Македонија даде свој конкретен придонес во овозможувањето на изградбата на цврсти кредибилни демократски институции и високо обучени безбедносни сили во Ирак, сили кои ја гарантираат иднината на својата земја како и стабилноста и безбедноста во нивното опкружување и пошироко.