Учество на Република Македонија во мировната операција на Обединетите Нации во Либан (УНИФИЛ)
Безбедноста и просперитетот во глобални рамки се повеќе зависат од ефективниот мултилатерален систем, а Обединетите нации, чија Повелба е фундаментална рамка на меѓународните односи, се и релевантен доказ за тоа. Оваа Повелба е приоритет на Европската Унија и НАТО и истата претставуваа главен актер во однос на меѓународната безбедносна сцена, односно централната институција за глобалните напори да се решат проблемите со кои се соочува човештвото. Оттаму, придонесот на Република Македонија и во воениот дел кон мисиите предводени од Организацијата на Обединетите Нации претставува потврда на ефективното членство на Република Македонија во Организацијата, потврда за нејзиниот придонес кон Светскиот мир како и за нејзините стратегиски определби.
Република Македонија својот придонес во мировната операција предводена од Организацијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ, го започна со донесување на Одлука од страна на Собранието на Република Македонија на 27 април 2007 година. Одлуката беше спроведена на ден 16 мај 2007 година. Овој придонес започна со испраќање на еден припадник на Армијата на Република Македонија на место Штабен офицер во Здружениот оперативен центар во Нагура во Либан со мандат од една година.
На 1 јуни 2008 година, Република Македонија со испраќање на нов штабен офицер, што претставува прва ротација на македонски персонал во рамките на операцијата, УНИФИЛ, го продолжи придонесот кон мировната операција УНИФИЛ, во Либан.
Од страна на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија беше проценето дека постојат можности и капацитет за продолжување на воениот придонес кон Мисијата и во 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 година, па следеа третата, четвртата, петата, шестата, седмата и осма ротација на македонски персонал во мисијата УНИФИЛ.
Во рамките на третата и четвртата ротација во мисијата УНИФИЛ, капетан Христијан Ѓорѓов, односно капетан Сашо Аврамовски, беа одликувани со медал за посебни заслуги од страна на Генералштабот на Либанската армија како резултат на посебни заслуги во рамките на своите должности.
По успешното осумгодишно учество на Република Македонија во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ, во тек е осмата ротација на македонски персонал, до сега испратени се девет претставника во рамките на мисијата, која треба да заврши во мај 2016 година.
Продолжувањето на придонесот на Република Македонија кон ефективниот мултилатеризам претставува уште една потврда на стекнатите искуства во меѓународно окружување, како и политичка манифестација на стратегиските определби на Република Македонија за придонес кон глобалната безбедност и светскиот мир.
Мировна операција на ОН во Либан – (United Nations Interim Force – UNIFIL)
Првобитно, УНИФИЛ беше креиран од страна на Советот за безбедност, во март 1978 година, да се потврди повлекувањето на Израел од Либан, да се врати меѓународниот мир и безбедност како и да и помогне на Владата на Либан во враќањето на својот авторитет и доверба во оваа област.
Мандатот на Мисијата беше продолжуван два пати, поради развојот на настаните во 1982 и 2000 година.
Како резултат на кризата во јуни/август 2006 година, Советот ја зголеми улогата на Мисијата, и одлучи како дополнувањето на оригиналниот мандат, таа да го следи прекинот на насилството; да ги придружува и поддржува либанските сили распоредени на југот на Либан; како и да ја зголеми помошта, односно да обезбеди пристап на хуманитарните организации и волонтерите до цивилното население како и безбедно враќање на раселените лица.
Главни земји кои придонесуваат кон УНИФИЛ се Франција, Гана, Индија, Италија и Шпанија. Германија, Грција и Турција се главни контрибутори кон поморските сили за задачи. САД, ОК, ЕУ и Русија исто така играат голема улога во регионот. Главни регионални фактори се Египет, Иран, Саудиска Арабија и Сирија.