
Мисија:
Обезбедува огнена поддршка на единиците при изведување на операции за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Републиката и при операции за поддршка на мирот и хуманитарни операции надвор од државата, како и поддршка на цивилните власти при отстранување на последици од елементарни непогоди и природни катастрофи.
Задачи:
- Планирање и организација;
- Планирање и употреба;
- Планирање и спроведување на обука и вежби;
- Планирање и спроведување на персонален менаџмент;
- Разузнавање, контраразузнавање и заштита на силите;
- Логистичка поддршка;
- Организирање и подготовка на КИС;
- Планирање на финансиски средства;
- Цивилно воена соработка.
Потполковник Сашко Палески
Потполковник Сашко Палески е роден 1980 година во Кавадарци. По завршувањето на основното и средното образование во Прилеп продолжува со воено образование на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје, каде дипломира во 2003 година. Воената кариера ја започнува како командир на 2. огнен вод во минофрлачка батерија во 2. пешадиски баталјон во 2. пешадиска бригада во Охрид. Во артилерискиот баталјон е од 2007 година, каде што ги извршува должностите: командир на самостоен вод, заменик-командир на батерија, командир на батерија, началник на С-3/5/7 и досегашната должност заменик на командантот и началник на штабот на артилериски баталјон.
Своето воено образование низ текот на кариерата го надоградува преку бројни курсеви од кои позначајни се:
- Курс за инструктори во Вишков, Р. Чешка;
- Курс за Меѓународно хуманитарно право во Скопје;
- Курс за инструктори за импровизирани експлозивни направи во Кундуз, Авганистан;
- Курс за штабни офицери во баталјон – ВА Скопје;
- Курс за процес на донесување на воени одлуки во Прилеп;
- Курс за процес на планирање на вежби во Подгорица, Црна Гора;
- Курс за оценувачи по концептот за оперативни способности во Корк, Република Ирска;
- Курс за оценувачи на борбена готовност на единиците во Оберамергау, Германија.
Командно-штабна академија, а воедно и магистратура по воени вештини завршува во Шривенхам Обединето Кралство на Велика Британија во 2021 – 2022 година.
Покрај основните должности значителен момент за одбележување во кариерата е учеството во планирачките процеси и реализацијата на вежби, како домашни, така и меѓународни од кои за издвојување се:
- “Rapid Trident 2010 и 2012” во L’viv – Украина;
- “Trident Juncture 2015” во Сарагоса – Шпанија како офицер за заштита на сили во JFC Brunsum;
- Серијалот вежби „Македонски блесок“- како офицер за операции;
- “Dynamic front 19” – Графенвер, Германија;
- „REGEX19” – Македонија;
- „Одлучен удар 2019“ – Македонија;
- „Maple Arch 24“ – Велес, Македонија;
- „Dynamic front 25“ – Графенвер, Германија.
Остварените резултати во работата се препознаени од страна на авторитетите за што е одликуван со следните признанија:
- Non Article 5 NATO medal – за учество во мисијата ISAF во Авганистан во 2007 година;
- Благодараница од германската армија за учество во мисијата ОМЛТ во 2009 година;
- Златна значка на Армијата – 2012 година;
- Бронзена значка на Армијата за долгогодишна служба – 2015 година;
- Сребрена значка за партнерство и соработка – 2020;
- Сребрена значка за долгогодишна служба во Армијата- 2024;
- Бронзена значка за партнерство и соработка – 2024 година.
Претходни должности:
- 2003- 2006 Командир на 2.огнен вод и командир на самостоен вод во 2. пб во Охрид, 2.пбр,
- 2007-2009 Командир на самостоен вод БМ21 во артб,
- 2009-2010 Заменик командир на хаубичка батерија,
- 2020-2017 Командир на командна батерија,
- 2017-2020 Началник на секција С-3/5-7 во артб,
- 2020-2025 Заменик на командантот и началник на штаб во артб,
Унапредувања:
- потпоручник 2003-2006,
- поручник 2006-2009,
- капетан 2009-2014,
- мајор 2014-2020,
- потполковник 2020.
Одлично го владее и користи англискиот јазик
Оженет е и татко на едно малолетно дете. Пасиониран аматер тркач на долги патеки и учесник во бројни планински и улични трки во државата и странство.

Артилерискиот баталјон (артб) е единица која во својот состав има висок процент на функционална техника, одлични професионалци, беспрекорна команда и огромно искуство кое ја афирмира оваа единица во сите сфери на обуката, работата и извршувањето на поставените задачи.
Припадниците на артилерискиот баталјон со гордост и достоинствено ја продолжуваат и негуваат слободарската традиција на борците на Петтата Македонска народно ослободителна ударна бригада, наречена „Прилепска“, која со своето јадро од искусни и прекалени борци даде огромен придонес во Народно Ослободителната Борба.
Со формирањето на АРМ во 1992 година, во касарната во Прилеп беше формиран 2.мешовит артилериски полк, кој беше лоциран во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и на почетокот беше скромно опремен со артилериски орудија.
Во 1999 година од страна на Р. Бугарија беа донирани хаубици 122 мм , а потоа беа набавени и лансери „БМ-21 ГРАД“.
Иако на почетокот со скромни средства и опрема секоја година се обучуваа по 4 генерации на регрути од родот артилерија. Со секоја генерација се изведуваше логорување и АБГ на АП „Криволак“, а постигнатите резултати секогаш беа оценети со солидни оцени.
Во периодот од 1997 до 2000 година, функционираше Школата за резервни офицери – род артилерија, каде беа обучени три генерации на резервни офицери од родот артилерија.
Во јули 2002 со преструктуирањето на АРМ, беше трансформиран 2.мап и од него беше формиран артилериски баталјон во склоп на КоВ. Единицата беше пополнета со професионални војници со кои се вршеше артилериска обука со цел обучување и подигање на професионалноста на повисоко ниво. Обуката се изведува согласно СОП на земјите членки на НАТО.
Согласно трансформацијата на АРМ во 2006, артилерискиот баталјон се трансформира во самооден хаубички баталјон 155 мм. во состав на ЗОК и се дислоцира во касарната „Алекса Демниевски-Бауман“ во Велес, но опременоста со артилериски орудија остана иста. Со заминувањето на последниот регрут од октомвриската класа 2006 година, единицата е пополнета во целост со професионални војници.
Со новата формациска поставеност на АРМ, од 2012 година, артилериски баталјон е во составот на 1 мпбр, лоциран во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Пополнетоста на артилерискиот баталјон е со професионален состав. Обуката се изведува на полигоните околу касарната додека АБГ се изведува на АП „Криволак“. Согласно определбата на државното раководство и воениот врв кон членство во НАТО и ЕУ, обуката се изведува согласно СОП на земјите членки на НАТО.
Голем дел од персоналот е школуван на курсеви, семинари и командно-штабни академии, во земјата и странство и своите искуства и знаења несебично ги пренесуваат на останатиот персонал.
Во текот на изминатиот период поголемиот дел од единицата е вклучен во меѓународните вежби кои се реализираат на АП „Криволак“.
Артилерискиот баталјон е моќна формација чија мисија е огнена поддршка на единиците на 1.мпбр, а во најскоро време и огнена поддршка на единиците ангажирани во мисија.
Декларираната батерија од составот на баталјонот во месец мај 2012 година, го помина НАТО оценувањето НИВО-1 , кое од страна на НАТО оценувачите е оценето со највисоки оценки. Во 2013 година пред декларираната батерија претстои нов предизвик, НАТО оценување НИВО-2.
Покрај стручната обуката во рамките на месечните планови за работа за составот од баталјонот се организираат предавања на актуелни теми, а со цел подигање на здравствената култура и еколошката свест на повисоко ниво. Овие предавања се организираат во соработка со Црвениот. Крст и Еколошките друштва. Припадниците на баталјонот активно се вклучуваат во активности за асистенција и поддршка на локалната самоуправа, здруженија, спортски друштва и останати цивилни структури.
По повод „Јубилејот 20 години АРМ“, а за вложениот труд и остварените резултати во функционалното и борбеното оспособување на својата единица 4 припадници од артб се здобија со сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба во Армијата од Министерот за одбрана, 1 припадник со сребрена значка на АРМ и 1 припадник со бронзена значка на АРМ за вложениот труд и остварените резултати во функционалното и борбеното оспособување на својата единица.
Артилерискиот баталјон со сите свои атрибути спаѓа во редот на најдобро организираните воени единици и нејзината хиерархиска поставеност е гаранција за нејзината успешност која сериозно придонесува за општата ефективност на АРМ. Исправена е пред повеќе предизвици со оглед на сите нејзини досегашни трансформации, историски периоди и идни искушенија но компетентноста на тимот што ја сочинува на сите нивоа е гаранција за нејзината иднина.