Полковник Билјана Блажеска
Полковник Билјана Блажеска e родена 1972 година во Крањ, Р. Словенија. На служба во Армијата е од 2001 година, по завршување на стручното оспособување и усовршување на офицери за служби за потребите на Армијата. Военото образование го надоградува со постдипломски студии за командни и штабни должности на Воената академија – Скопје во 2013 година и со завршување на школо за национална одбрана на Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, Италија во 2022 година.
Својата кариера ја започнува како поручник, командир на вод во Логистичкиот наставен центар во касарната Ѓорче Петров, Скопје, за во 2004 година да биде унапредена во чин капетан и во должност командир на наставна интендантска чета во касарната во Велес. Од 2006 година својата кариера ја продолжува како штабен офицер во областа на логистиката со што е вклучена во проектите за развој и унапредување на опремата, униформите и ознаките на Армијата, како и во проекти за модернизација на Армијата. Пет години била началник на Одделение за набавки во Бригада за логистичка поддршка, Скопје, за набавки од мала вредност за потребите на Армијата.
Должноста аѓутант на Претседателот и Врховниот командант на Армијата ја извршува од август 2019 година. Како висок воен претставник во Кабинетот на Претседателот, покрај планирање, организирање и спроведување на протоколарни и церемонијални активности на државни, официјални и работни посети, активно е вклучена и во советување на Претседателот на државата и Врховен командант на Армијата за воени и безбедносни прашања, понатаму, во процесот на донесување одлуки на стратегиско ниво кои се однесуваат на безбедносниот сектор, како и во подготовката, организацијата и реализацијата на седниците на Советот за безбедност. Дел е од Работниот комитет формиран за стручна поддршка на Советот за координација на активностите поврзани со членството во НАТО.
За време на нејзината кариера таа активно е вклучена во процесите за промовирање и развивање на принципите за еднакви можности за жените и мажите и родовата перспектива во Министерството за одбрана и Армијата, за што е повикана како предавач на Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим во септември 2022 година.
Професионалниот развој го гради и преку завршување на повеќе курсеви и обуки, како и преку учество на форуми, симпозиуми и конференции во земјата и странство, меѓу кои: учество на годишни конференции на Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, 2023 и 2024 година; учество на НАТО симпозиумот за нуклеарна политика во Скопје, 2024 година; учество на меѓународниот форум за безбедност во Халифакс, Канада во 2021 година преку програмата за градење на мир преку жени лидери (Peace With Women Fellowship 2021 во САД и Канада); курсеви за логистичко планирање и процес на донесување воени одлуки во НАТО школото во Оберамергау, Германија; НАТО/партнерски логистички оперативен курс во Интернационалниот центар за одбрана, Финска; Курс за менаџмент со одбранбените ресурси во Монтереј, Калифорнија и повеќе курсеви за менаџмент со аквизицијата во одбраната. Сертифициран оценувач е за самооценување и НАТО оценување ниво 1 и 2 на декларираните единици на Армијата, согласно што учествува на самооценување и НАТО оценување на единиците на Армијата, како оценувач, како лидер на тим, заменик директор на оценување и директор на оценувачки тим, за време на вежби „Македонски Блесок“. Учествува на повеќе вежби во земјава и во странство.
Во текот на кариерата свој придонес дава и со учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Командата за обука, советување и асистенција на главниот град-Кабул (КОСА-ГГ), Авганистан, од јуни 2018 до јануари 2019 година.
Полковник Билјана Блажеска има добиено награди и одликувања од Министер за одбрана и од Началник на Генералштабот на Армијата за покажаните резултати во работењето и унапредувањето на Армијата. Активно го користи англискиот и францускиот јазик. Омажена е и мајка на две деца.
Унапредување:
- Полковник (2019);
- Потполковник (2015);
- Мајор (2010);
- Капетан (2004);
- Поручник (2001).